Ефикасноста на двете вакцини кои се направени врз новата платформа на „информатичка РНК“ (mRNA) на производителите „Pfizer“ и „Мoderna“ против заразата со Covid-19 паднала од 91 на 66 отсто откако делта варијантата на коронавирусот SARS-CoV-2 почна да преовладува во САД, покажуваат податоците кои во вторникот ги објавија американските здравствени власти.
Податоците произлегуваат од истражувањето спроведено над илјадници вработени во здравствените домови и болници во шест американски сојузни држави за да се испита ефикасноста на вакцините во вистински услови.
Учесниците во истражувањето биле испитувани секоја седмица за да се откриле симптоматските и асимптоматските зарази. Речиси сите вакцинирани здравствени работници ги примиле вакцините на „Pfizer“ или „Moderna“.
Во периодот меѓу декември 2020 и април 2021 година, ефикасноста на вакцините во спречување на инфекцијата била 91 отсто, покажуваат податоците што ги објави Центарот за спречување и превенција на болестите (CDC), главната сојузна агенција за јавно здравство во САД.
Меѓутоа, во седмиците која делта варијантата на коронавирусот надвладеа во земјата, што значи дека била причинител на повеќе од 50 отсто од случаите на заразите, ефикасноста на споменатите вакцини се намалила на 66 отсто.
Авторите на студијата предупредуваат, сепак, дека причина за овој пад не е само делта варијантата, туку и фактот дека ефикасноста на вакцините опаѓа со текот на времето.
„Иако прелиминарните податоци говорат за умерено намалување на ефикасноста на вакцините против Covid-19 во спречувањето на заразите, фактот дека заразите сепак се намалуваат за две третини зборува за важноста и ползата од вакцинирањето“, пишуваат авторите на студијата.
Во податоците објавени во вторникот не се прави разлика меѓу вакцините на „Pfizer“ и на „Moderna“.
На намалувањето на ефикасноста во сузбивањето на делта варијантата упатуваат повеќе научни истражувања, иако точните бројки во студиите се разликуваат.
Друго истражување коешто CDC го објави во вторникот, а се спроведувало врз пациенти во Лос Анџелес меѓу почетокот на мај и крајот на јули годинава, покажуваат дека невакцинираните лица имале 29 пати повеќе шанси за хоспитализирање отколку вакцинираните.
Делта варијантата на коронавирусот на почетокот од јули се прошири во САД и моментално се смета за „одговорна“ за повеќе од 98 отсто од заразите оттогаш досега.