Почна делењето на картичките за зелена нафта

Почна делењето на картичките за зелена нафта. Први деновиве ги добија штипските земјоделци, а им ги врачи директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, кој заедно со раководителот на подрачната единица на МЗШВ во Штип, Павел Иванов, го посети Штипскиот регион.

Во подрачната единица во Штип се доставени вкупно 1.148 картички за точење „еуродизел гориво за земјоделска механизација“ со вкупна вредност од 7,7 милиони денари.

Картичките од вчера си ги подигаат земјоделците од Велес и Свети Николе ,денеска на ред беа Тетово и Боговиње, а распределбата продолжува и во наредните денови.

-Освен земјоделците од Подрачната единица Штип, своите персонализирани платежни картички ќе може да ги подигнат и сите земјоделски стопанства кои спаѓаат во подрачните единици на МЗШВ во Велес и во Свети Николе. Веќе утре картички за „зелена нафта“ ќе може да подигнат и земјоделците од Тетово и Боговиње, а наредните денови картичките ќе бидат достапни и во Кривогаштани, Прилеп, Крушево. Од 26-ти сите земјоделци од Демир Хисар и Битола ќе може да ги подигнат картичките со кои ќе може да точат субвенционирано еуродизел гориво, информира Бачовски.

Инаку, делењето на картичките почна од полјоделците кои ја завршија жетвата, бидејќи сега секој денар им е добредојден за да се подготват за есенска сеидба.
Начинот на користење на картичките за зелена афта не е сменет. Средствата кои се на располагање треба да се искористат најдоцна до крајот на април наредната година.

Секој земјоделец на картичката добива зависно од тоа колкава површина обработува и од земјоделските култури што ги одгледува. Се финансираат 50 проценти од утврдените трошоци за гориво за земјоделска механизација.

Годинава за зелена нафта за земјоделците се обезбедени вкупно 200 милиони денари преку програмата за директни плаќања во земјоделството.