
Најмалку 72 цивили загинаа во двата самоубиствени напада кои ги изведе Исламската држава близу аеродромот во Кабул, објавија во петокот во авганистанската престолнина болнички извори а талибански финционер вели дека талибаните загубиле 28 луѓе, што е повеќе од двојно од Американците.
Претходно весникот The Wall Street Journal објави дека погинале најмалку 90 авганистански државјани а 1.338 биле ранети.
Во нападите коишто ги изведе авганистанскиот огранок на ултрарадикалната исламистичка групација Исламска држава (ISKP – Исламска држава на вилаетот (покраината) Хорасан), според најновите податоци кои ги соопшти Пентагон, загинале и 13 американски војници а уште 18 се ранети.
Најмалку 28 талибански борци загинале во експлозиите на аеродромот во Кабул, изјавил за Reuters талибански високо рангиран претставник.
„Загубивме повеќе луѓе отколку Американците во експлозиите“, рекол функционерот кој одбил да биде именуван.
Но додал дека нема причина за продолжување на рокот на американските и други странски војници по 31-ви август.
Американскиот претседател Џо Бајден вети во своето обраќање до нацијата во четвртокот дека ќе ги „фати“ сторителите на нападот и потврди дека големата операција на евакуација на цивилите ќе продолжи до 31-ви август кога америакнските сили дефинитивно ќе се повлечат од Авганистан.
„Ќе ве фатиме и ќе ве натераме да платите“, рече Бајден порачувајќи има на сторителите на најкрвавиот напад врз американската војска во Авганистан од 2011 година, за кој одговорноста ја презема ISKP.
Повеќе западни земји објавија дека воздушниот мост сега е прекинат, а САД ги запечатија влезовите на аеродромот и оневозможувајќи го заминувањето од земјата на десетици илјади Авганистани кои работеле за западните земји во текот на дведецениската војна а сега стравуваат од одмаздата на талибаните.
Претседателот Бајден им нареди на воените функционери да „подготват оперативни планови за напад врз цели, лидерите и објектите“ на Исламската држава во Авганистан.
„Силно и насочено ќе одговориме кога за тоа ќе донесеме одлука, каде и кога ќе го посакаме тоа“, истакна Бајден во говорот од Белата куќа.
Американски функционери велат дека на кабулскиот аеродром „Хамид Карзаи“ во моментов има 5.200 американски војници.
Пред нападот САД и сојзуниците апелираа до Авганистанците да ја напуштат областа околу аеродромот, поради заканите од џихадистите на Исламската држава. Инаку од пред неколку години оваа групација води битка и со исламистичкото движење Талибан за превласт во Авганистан.
Насилството на Исламската држава станува проблем и за талибаните, коишто ветија дека нивната победа на Авганистан ќе му донесе мир. При својот второ доаѓање на власт, првото владеење беше од 1996 до 2001 година, талибаните ветија почитување на човековите права во согласност со исламскиот шеријатски законик и дека нема да им дозволат на терористичките групации како Исламската држава и Ал Каида авганистанската територија да ја користат за планирње и изведување напади врз други земји.