Пратениците во понеделник се враќаат на работа во Собранието, речиси на месец и половина пред локалните избори. Во понеделник, според најавите од координаторите на пратеничките групи, се очекува тие да имаат средба на собранискиот спикер Талат Џафери и неговите потпретседатели, по што ќе се знае како ќе тече работната седмица на пратениците.
Имајќи ги предвид изборите, дел од пратениците, веруваат дека активностите ќе бидат намалени и оти дискусиите следниот месец ќе бидат во контекст на локалните избори.
Првата седмица од следната парламентарна сесија најверојатно ќе мине во знакот на комисиските расправи. По координацијата ќе се знае кога и дали би било свикано продолжение на некоја од собраниските седници. На собраниската веб страна како незавршени стојат осум седници од 2021 година, од кои пет биле закажани од мај до јули.
Нова седница се најавува за средината на септември, додека нови материјали пристигнати овој месец, како што објави МИА, се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за иновациската дејност, Предлог на Закон за академија за судии и јавни обвинители, Предлог на Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, Предлог на закон за лековите, Предлог на закон за парничната постапка, Предлог на закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, Барање за давање на автентично толкување на член 21, став 1, точка 4 од Законот за данок на добивка, поднесено од Владата, Барање за давање на автентично толкување на член 135, ставовите 1 и 2 од Законот за судска служба, Квартален извештај на Народната банка на Република Северна Македонија, август 2021 година, како и Предлог-стратегија за родова еднаквост 2021-2026.
Сега официјално на собранискиот сајт само на први септември (среда) има закажано три седници на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, како и седница на Комисијата за економски систем.
На комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците на дневен ред се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, во второ читање, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка, во второ читање, како и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на лични податоци, по скратена постапка, исто така во второ читање.