Мисајловски: Овие избори ќе бидат еден вид на референдум

Овие локални избори ќе бидат еден вид на референдум бидејќи со голема победа на ВМРО-ДПМНЕ паѓа СДСМ, паѓа ДУИ, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во вечерашното гостување во Централниот дневник на Македонската телевизија, посочувајќи дека потребно е подготовка на добри програми за локалните избори со кои ќе се решат проблемите на граѓаните.

-Но секако ние треба сето тоа да го преточиме во локална програма бидејќи граѓаните очекуваат решавање на нивните проблеми, рече Мисајловски.

Мисајловски коментирајќи ги обвинувањата дека ВМРО-ДПМНЕ постигнала договор за измените за Изборниот законик далеку од очите на јавноста, посочи дека ВМРО-ДПМНЕ била коректна и отворена при носење на ова законско решение, додавајќи дека сите кои говореле и барале една изборна единица на крај побегнале од тоа барање.

-Толку бевме отворени и коректни што оставивме и власта да се договори со помалите политички партии за да најдат заеднички јазик и ние ќе го прифатиме, додека едно време сите говореа за една изборна единица сите побегнаа од таа една изборна единица. Така што мислам дека ова е една мала игра помеѓу СДСМ, ДУИ и некои политички партии, посочи Мисајловски.

На прашањето што им дава толкав оптимизам за по победата на локалните избори да бараат и предвремени парламентарни избори, Мисајловски рече дека тоа е опозициското расположение, но и анкетите кои покажуваат голема победа за ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори.

-Прво и основно ви кажав, тоа е опозициското расположение, кое што го гледаме на анкетите за ВМРО-ДПМНЕ. Ние во најголемиот дел во Македонија имаме одлични бројки сигурни победи, во другите општини се разбира ќе дадеме се од себе да ги освоиме. Така што ВМРО-ДПМНЕ е пред убедлива победа и затоа велиме секој да ни се приклучи за оваа победа да биде многу поголем, вели потпретседателот Мисајловски.