Мицотакис направи промени во Владата: Дендиас останува МНР, Кикиљас нов министер за туризам

Формирање ново министерство за цивилна заштита, промени на министрите за здравство и туризам, нови заменици- министри во неколку Министерства, се дел од вкупно 11-те промени во Владата што ги направи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопшти владиниот портпарол Јанис Иконому, со одлука на Мицотакис, се формира ново Министерство за цивилна заштита во кое ќе биде вклучена и противпожарната служба, а министер ќе биде Евангелос Апостолакис.

Во веќе постоечкото Министерството за цивилна заштита, под кое е полицијата, на местото на Михалис Хрисохоидис, доаѓа Панајотис Теодорикакос.

Досегашниот заменик- министер за цивилна заштита Никос Хардаљас станува заменик-министер за одбрана.

Актуелниот министер за здравство Василис Кикиљас заминува во Министерството за туризам на местото на Харис Теохарис, кој веќе е вон владиниот состав, а на местото на Кикиљас доаѓа пратеникот од Нова демократија Атанасиос Плеврис.

На позицијата алтернативна министерка за здравство доаѓа досегашната директорка на клиниката за пулмологија во атинската болница „Сотирија“ и членка на комисијата на епидемиолози Асимина Гага.

Во Министерството за надворешни работи има промена на заменичката позиција, каде што надлежен за дијасπората ќе биде Андреас Кацањотис.

Промени има на позициите заменик-министер во Министерствата за земјоделски развој и храна и за транспорт и инфраструктура, а се укинува функцијата заменик -министер за финансии задолжен за финансискиот систем

Во новото Министерство за цивилна заштита кое како главна задача ќе има справување со катастрофи и под чија надлежност ќе биде Противпожарната служба, министер ќе биде Евангелос Апостолакис, кој, како што пренесува МИА, е поранешен началник на Генералштабот на армијата и поранешен министер за одбрана на Грција во Владата на СИРИЗА, кој за време на посетата на Скопје на грчката владина делегација, предводена од тогашниот премиер Алексис Ципрас во април 2019 година, заедно со Шекеринска потпишаа договор за одбранбена соработка.

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој во моментите кога беше соопштена реконструкцијата е во посета на Скопје, останува на неговата досегашна позиција.

Новите министри попладне ќе положат свечена заклетва во претседателската палата, а владината седница што беше закажана за денеска, ќе се одржи во четврток.

На прес конференцијата на Мицотакис за пожарите, грчкиот премиер индиректно најави дека ќе направи реконструкција на Владата, за ден подоцна на 13 август да соопшти мали промени кои пред се се однесуваа на позициите заменици- министри, а беше одреден и нов портпарол, односно Јоанис Иконому од заменик-министер за земјоделски развој и храна стана заменик-министер под премиерот и владин портпарол.

Нова демократија победи на изборите на почетокот на јули во 2019 година, а досегашниот, јавно изразен став на грчкиот премиер е дека ќе го искористи четиригодишниот мандат и нема намера да оди на предвремени избори.

Па така, денешната реконструкција е на половина од мандатот на актуелната грчка Влада.

Досега, Мицотакис има направено четири промени. Во август минатата година, во јануари годинава, пред две седмици и денеска.