Филипче: Причина за големата смртност од ковид-19 е не доаѓањето на време во болница

Големата смртност на пациенти болни од ковид-19 се должи на тоа дека долго време се лекуваат надвор од болница и доаѓаат доцна со лоши параметри, а голем дел од починатите биле со карцином, нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања, имале повеќе хируршки интервенции, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Најголема смртност од ковид-19 се регистрира кај лицата над 60 години, и кај нив 73 отсто се лица со хронични болести. Во земјава досега во коронакризата починаа 5.901 лице, а изминатава недела од четвртиот бран имаше и денови со по 36 односно 32 починати дневно.

За смртноста на помлади пациенти, Филипче кажа дека тие лица не се невакцинирани, и повтори за случајот од 28 август кога пациент на 24 години на своја одговорност ја напушти болницата во Ресен и почина. Мал е бројот на починати, а вакцинирани лица, додаде тој.

Во болниците лежат 1.000 пациенти болни од ковид-19, најоптоварени се болниците во Тетово, Гостивар, делумно во Кичево, Струга и Охрид. Од вчера се отворени и Ковид-центрите на Интерните клиники во Скопје. Во однос на возраста на хоспитализираните лица, најзастапена е над 60 години, а најмала на најмалите деца, т. е во болница се лекуваат дваесетина деца, кои се со релативно лесна клиничка слика.

За честите реакции во јавноста за начинот на лекување на матичните лекари и протоколите , Филипче кажа дека во секоја болница има соодветен протокол, никаде во светот нема унифициран пристап.

-Секаде има препораки за лекување во зависност од тежината на клиничката слика. Кај нас во секој Ковид-центар има пулмолог или инфектолог кои работат по препораки“, кажа Филипче.

Продолжува трендот на намалување на новодијагностицирани лица, и Р-факторот е о, 9.

Во однос на вакцинацијата, највисока стапка , 56-60 проценти има во Охрид, Кавадарци и Неготино, најниска е во Гостивар, а највисок  раст, за 15 отсто има во Тетово.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 722.578 граѓани. Прва доза вакцина во саботата и вчера примиле 9.240 граѓани, а вкупно се вакцинирале 18.292 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.253.612 дози вакцини, а ревакцинирани се 531.033 граѓани.

Со последните бројки 52% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 28% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.