(ВИДЕО) Убеден сум дека децата веќе знаат зошто ги носат маските и зошто ќе се дружат малку пооддалечени еден од друг, вели Заев

Јас сум убеден дека децата веќе знаат зошто ги носат маските и зошто ќе се дружат малку пооддалечени еден од друг, вели премиерот Зоран Заев во видеопораката со која им посака успешен почеток на новата учебна година на учениците и на наставниците.

-Отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука за сите кои посакуваат здрав психо-социјален развој на учениците. Сите многу изгубивме изминатата година, соочувајќи се со пандемијата која го затече целиот свет, вели тој.

Заев истакнува дека нема подобра опција од наставата со физичко присуство и дека се вложени сите напори за учениците безбедно да се вратат во училишните клупи, но нагласува дека е потребна максимална одговорност и почитување на протоколите од сите учесници во воспитно – образовниот процес.

-Сакам да им се заблагодарам на сите наставници, а секако и на родителите, кои се справија со предизвиците на онлајн наставата и не дозволија децата да изгубат од образованието. Сега е време да го надополниме, сето она што не можевме да го развиваме во рестриктивните мерки. Од наставата со физичко присуство нема подобра опција, тоа го тврдат наставниците, учениците, организациите кои се бават со психо-физичкото здравје на децата. И затоа се посветивме на сето она што е најважно за враќање на учениците во училишните клупи. Владата, заедно со Министерството за образование, ги вложи сите напори во обезбедувањето на здравствено безбедни средини за учениците. За да се спречи ширењето на КОВИД-19 во училиштата потребна е максимална одговорност и почитување на планот и протоколите што ги усвоивме од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители, од општините, вели Заев.

Нагласува дека МОН има развиено планови и дека ќе се делува во било кое од можните сценарија кои можат да се случат.

-Уверен сум во таа спремност, исто како што знам дека сите будно ја следиме епидемиолошката состојба и се прилагодуваме на неа. Важно е да бидеме одговорни и надвор од училиштата. Затоа и ја стимулираме вакцинацијата, бидејќи колку повеќе ни се заштитени возрасните дома, толку послободни ни се децата на училиште. Толку поголеми ќе бидат насмевките и дружбата кај учениците. Ако сите се придржуваме до мерките, послободни ќе ја поминеме оваа училишна година и со тоа ќе придонесеме да биде и последна ваква, пандемиска. Сите сме заедно во ова и секоја поддршка и соработка од родителите, наставниците и од учениците е добредојдена. Сите мора да бидеме солидарни и да покажеме разбирање и свест, порачува Заев на крајот од видео пораката.