17 вработени и 6 деца се позитивни во градинките, каде што има 25.500 слободни места

Седумнаесет вработени во градинките и шест деца се позитивни на корона, според последните податоци објавени во петокот. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ја оцени состојбата во градинките како стабилна и под контрола.

– Имајќи го предвид фактот што сега се очекува поголемото присуство на децата од 1 септември во градинките, ние будно ја следиме состојбата – рече Шахпаска.

Според бројките од петокот, имало 4.408 деца во градинките, а бројот на слободни места е 25.500.

Министерката посочи дека недостасуваат нови места во градинките.

– И пред пандемијата имавме потреба од отворање нови градинки, односно нови сместувачки капацитети. За една година отворивме 15 нови градинки на територијата на целата земја, дури и во рурални средини. До крајот на годинава ќе се финализираат работите на околу 10 градинки – рече Шахпаска.

Протоколите налагаат вработените прво да ја измерат својата температура и цел ден да носат заштитни маски. Не смеат да влегуваат во други групи освен во групата за која што се конкретно задолжени, често да прават дезинфекција, да работат на отворено со децата и често да ги проветруваат просториите во коишто престојуваат.

Согласно последниот пресек, 71 процент од вработените во градинките се вакцинирани.