Пропадна и третиот обид за формирање влада во Бугарија

И БСП ќе го врати мандатот, откако не успеа да ги убеди трите т.н. протестни партии – „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“, „Исправи се! Мафијата надвор!“ да бидат дел од новата бугарска влада.

„Ги вложивме сите напори да постигнеме мнозинство за да формираме влада и функционален парламент. Но, трите партии нѐ одбија и бесмислено е да се продолжат овие напори“, изјави лидерката на БСП, Корнелија Нинова, по состанокот на Националниот совет на партијата, објави БГНЕС.

Таа вели дека е јасно оти нема желба за да се создаде редовна влада поради што во вторник ќе му го врати мандатот на бугарскиот претседател Румен Радев.

„Враќаме неисполнет мандат во вторник. Претседателот може да го одложи распуштањето на Националното собрание за неколку дена, така што буџетот конечно ќе биде усвоен. Се надеваме дека нема да дозволиме опасност од популистичко и предизборно наддавање, што на крајот нема да доведе до резултати“, изјави Нинова.

Ова е трет обид да се формира влада во Бугарија по изборите од 11 јули.
Претходно тоа не им успеа ниту на ИТН на Слави Трифонов ниту на ГЕРБ. Следно најверојатно е да има нови парламентарни избори, но дебатата меѓу партиите е дали тие да се одржат заедно со претстојните претседателски избори.