Покраината Панџшир мина под контролата на Талибан, објави во петокот вечерта на Twitter портпаролот на авганистанското радикално исламистичко движење Билал Карими наведувајќи дека е заземено последното место на отпорот во земјата.
„Покраината Панџшир падна, сите луѓе или војници на отпорот беа заробени од борците, Амрула Салех (потпретседател на Авганистан во администрацијата на избеганиот претседател Ашраф Гани) и Ахмад Масуд (водачот на отпорот), побегнаа“, изјавил за агенцијата РИА извор од полициската команда во Кабул.
Агенцијата истовремено го пренесува и тврдењето на неименувани претставници на отпорот во Панџшир, кои тврдат дека покраината останува надвор од контролата на талибаните. Самиот Салех, кој се прогласи за авганистански претседател, рекол дека не ја напуштил земјата и оти се наоѓа во Панџшир.
За агенцијата Reuters информацијата ја потврдиле три неименувани талибански извори, а се пренесува дека во авганистанската престолнина Кабул одекнувале истрели со кои се славела побадата, но извори од отпорот во Панџшир ги отфрлиле инфомациите како лаги.
„Со милоста на семоќниот Алах сега го контролираме целиот Авганистан, Хулиганите се поразени и Панџшир сега е под наша команда“, рекол еден од талибанските команданти, но Reuters не можел да ги потврди веднаш овие тврдења.
Поранешниот авганистански потпретседател Амрула Салех, еден од водачите на силите на отпорот, во изјава за авганистанската телевизија Tolo News ги негирал тврдењата за тоа дека побегнал од Авганистан.
Во видео-снимката која на Twitter ја постави BBC World, Салех вели „Нема сомение дека сме во тешка ситуација. Талибаните нѐ нападнаа.. но ја сочувавме територијата, пруживме отпор“. Подоцна во твит напиша „ОТПОРОТ продолжува и ние продолжуваме. Тука сум на своја почва, ја бранам својата почва и нејзиното достоинство“.
Неговиот син Ебадула Салех, исто така, ги негира вестите за падот на Панџшир, објавувајќи порака на социјалните мрежи „Не, тоа е лага“. Ахмад Масуд на Twitter објави „Вестите за победата во Панџшир циркулираат во пакистанските медиуми. Тоа е лага“.
Претходно медиумите пренесуваа извештаи за тешки борби и стотици жртви во долината Панџшир каде што талибаните, откако со секавичната офанзива и речиси без отпор на 15-ти август ја заземаа власта во земјата, наидоа на отпор.
Според тврдењата на властите во Панџпшир, таму се концентрирале илјадници борци на локалната етничка таџичка милиција и остатоци од безбедносните сили на соборената влада под водст во на Ахмад Масуд. Тој е син на Ахмад Шах Масуд кој се бореше против советската инвазија во 1980-те а во 1990-те години ги предодеше анти-таибанските сили Северна алијанса а беше убиен во терористички напад во 2001 година.