Стасаа првите 200 уреди за биометриска идентификација на гласачи

Деновиве се интензивираат подготовките за локалните избори на 17 октомври. Државната изборна комисија (ДИК) веќе ги презеде од германската компанија „Дермалог“ првите 200 уреди за биометриска идентификација на гласачи, коишто ќе бидат употребени на претстојните локални избори.

Во следниот период со овие терминали ќе се вршат обуките, а до 1 октомври треба да дојде и последната пратка и да се комплетира бројката на терминали и целосната дополнителна опрема.

– Ќе треба да се обучат избирачките одбори. Прво ќе треба да се обучат обучувачи на тие избирачки одбори и поради тоа овие уреди ќе бидат полнети со фиктивни податоци од тие кои се присутни таму. Ќе се пробува како се ракува со нив за да може да бидат подготвени на денот на гласањето, изјави вчера претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Тој најави дека следните четири пратки ќе бидат од по 950 терминали, како и дека во третата пратка ќе биде и софтверот за полнење и празнење на овие терминали, а како што рече, ќе бидат сукцесивно испорачувани во наредните четири недели, секоја недела по 950 со тоа што третата недела ќе дојде со таа пратка и софтверот.

– Очекуваме дека на 1 октомври ќе дојде и последната пратка. Меѓутоа, може да задоцни два-три дена што не значи ништо во целосниот процес бидејќи тие треба да бидат наполнети со 13 октомври, а некаде на 15 октомври ќе бидат однесени до општинските изборни единици за да се поделат на избирачките места за гласање, појасни Даштевски.

Тој е уверен дека се што било кажано ќе биде реализирано, бидејќи, како што рече, се работи за сериозна компанија.

-Ние се обидовме сите детали да ги прецизираме, да биде се направено како што треба пред да започне процесот и се надевам дека ќе биде во ред. Е сега за денот на изборите не можам ништо да кажам бидејќи не се знае, првпат е и сметам дека ќе помине добро, ама да причекаме, истакна Даштевски.

На прашањето дали оваа опрема ќе придонесе да се зголеми довербата во изборниот процес кај граѓаните, тој истакна дека одлуката за нејзина употреба била токму од тие причини.

Тој напомена дека покрај 4000 терминали има набавено дополнителна опрема со нив како што е термален скенер, термален принтер, каблови, сервер, батерии таму каде што нема струја да може да работат 24 часа.

-Податоците во нив ќе бидат криптирани, ако сте информирани знаете дека криптирањето е најскапа операција. Покрај опремата, ние купивме и услуги тие да бидат тука и да го завршат процесот до крај, бидејќи нашите инженери не ја познаваат оваа опрема и тие може само да соработуваат со нив. Значи, купена е и услуга која ќе биде од доставувањето до завршувањето со обуките и со денот на изборите се да биде како што треба, рече Даштевски. (МИА)