Пописот почнува утре, резултати на почетокот од следната година

По 20 години во државата се спроведува попис на население и објекти. Првпат освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Ова го забрзува целиот процес, што значи дека до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците – ќе добиеме точна бројка колку не има во државата и каде сме точно распоредени, ќе се добие прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вели дека по успешно спроведениот попис овој септември, нашата држава, во наредниот циклус на пописи околу 2030 година, ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри.

– Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со ковид-19 е многу строг и прецизен. Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство. А тоа е:

– правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот како и лаптопот со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра.

– Секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор и мислам дека временските прилики ќе ни го дозволат тоа – вели Симовски.

Тој објасни дека комбинираниот модел на попишување подразбира одење на терен, односно попишување лице в лице и користење на податоци од бази.

– Тоа подразбира прибирање на податоци директно од населението на терен и користење на податоци од таканаречената Претпописна база на податоци која е компилирана од повеќе бази кои постојат во државата и чијшто квалитет е анализиран и проверен. Со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Секако остануваат прашања на кои лицето ќе мора да даде одговор бидејќи за тоа не постојат записи во базите, а ова особено се однесува на чувствителните прашања за етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинството. Ова се прашања со кои се искажува лично чувство и затоа се внесуваат одговори онака како што ќе се изјасни лицето – објаснува Симовски.

Пописот ќе трае од 5 до 30 септември, а според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по  завршувањето на теренските активности. Сепак, тој верува дека ќе успеат да ги завршат обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 да ги објават податоците.

Согласно Законот за попис, граѓаните кои се во странство може да се самопопишат на веб страницата на ДЗС до 30 септември. Досега се самопопишаа приближно 191 000 македонски државјани во странство.