Денеска дел од родителите на ученици во четврто одделение во тетовскиот регион не ги пуштија децата на настава и го одржаа најавениот предупредувачки бојкот на наставата. Така направија родителите на учениците во основното училиште „7-ми Март“ во Милетино, Општина Брвеница.
Тие се револтирани што годинава четвртоодделенците не добија учебници и согласно новата концепција треба да учат од дигитални примероци преку електронски уреди.
-Никој не е против дигитализацијата во наставата, но бараме тоа да биде помошно средство. За објаснување. Книгата да биде главно средство за наставата. Учебник е учебник. Образованието е бесплатно за сите, а ваму сме принудени да печатиме учебници. Немаат сите можности ниту да печатат учебници ниту да купуваат таблети или други уреди за следење на наставата, изјави Ненад Ѓорѓески, родител и член на училишниот одбор во ОУ „7-ми Март“ во Милетино.
Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ го најави денешниот предупредувачки бојкот на наставата.