Синдикатите најавуваат мерки против неодговорните работодавци

Сојузот на синдикати апелира  работодавците во јавниот и приватен сектор каде што правото за добивање К-15  е уредено со колективен договор да го исполнат во најскоро време, односно до крајот на годината.

– На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права за да можеме да интервенираме до Државниот инспекторат за труд, или пак да започнат судска постапка за заштита на своите права – велат од ССМ.

Оттаму потсетуваат и дека за неодговорните работодавци кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година.

Според ССМ, регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавците – ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавците целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.

„Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40 отсто од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец“, се вели во соопштението.

Од Сојузот на синдикати потсетуваат дека основицата за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна нето-плата по работник исплатена во последните три месеци.

– Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавец може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата – велат од ССМ.