Владата го „прескокна“ првиот премиер Кљусев во оддавањето почит по повод Денот на независноста

Протоколот на Владата на СДСМ и ДУИ направила превид во текот на одбележувањето на Денот на независноста и положувањето на свеќиња пред спомените на истакнатите личности кои имаа придонес во осамостојувањето на земјата.

Според извештаите, цвеќе беше положено само пред спомен одбелжјата на покојните македонски претседатели, првиот Киро Глигоров и неговиот наследник на должноста Борис Трајковски. Но не и на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, кој беше првиот премиер на експертската влада во периодот 1991/1992 кога земјата минуваше низ премрежјето на осамостојувањето од некогашната СФРЈ, а потоа во владата на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2000 година беше министер за одбрана.

Впечатливи во македонската историја ќе останат моментите кога во Собранието, од говорницата Кљусев ги промовираше првите апоени на новата македонска валута денарот, какои и прославата на резултатите од референдумот за осамостојување на Македонија на истоимениот централен скопски плоштад.

Од партиските и владините соопштенија, само опозициската кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска и делегација на ВМРО-ДПМНЕ денеска му оддадоа почит на првиот премиер на независна и самостојна Македонија.

Од Владата и од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски соопштија дека со положување венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски и со оддавање почит за нивниот значаен придонес во воспоставувањето на самостојната државност на нашата земја, започнале програмските содржини со кои граѓаните на Македонија ја празнуваат и одбележуваат 30-годишнината од независноста.