Од следната година К-15 да има и за полицијата, војската, наставниците, лекарите…

Отворена е можност од следната година К-15 да добиваат сите вработени во јавниот сектор. Од Сојузот на синдикатите на Македонија информираат дека до Владата доставиле предлог Општ колективен договор за јавниот сектор во кој, покрај другото, е предложен и регрес за годишен одмор во висина од 30 до 100 отсто од основицата за сите вработени во јавниот сектор. Тоа значи дека право на К-15 би добиле и вработените во полицијата, одбраната, образованието, здравството…

Доколку Владата го потпише понудениот колективен договор, исплатата на К-15 за овие вработени најверојатно би почнала од наредната година, зашто во годинешниот буџет не се одвоени средства за тоа.

Од лани право да добиваат К-15 имаат само дел од јавните службеници, односно околу 27 илјади кои работат во министерствата, општините, судовите, обвинителствата, државното правобранителство, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, центрите за социјална работа, јавните установи. Поради кризата тие лани не добија регрес, а годинава по 9.000 денари им се исплатија на дел од нив. За ова во буџетот се предвидени околу четири милиони евра.

Вработените во приватниот сектор, пак, К-15 добиваат веќе осма година. Парите треба да им се исплатат најдоцна до крајот на годината, а на нивните сметки газдите треба да ја уплатат најмалку минималната сума утврдена со колективен договор, која сега изнесува околу 11.500 денари.


Повеќе на Вечер прес