Во текот на редовното работење во трета смена во погонот Челичарница на „Макстил“ АД е настанат инцидент при што е повреден еден вработен, информира во неделата компанијата.
„На вработениот веднаш му е пружена прва помош и истиот е пренесен во Ургентниот центар на Универзитетската клиника за понатамошен третман. Истиот е вон животна опасност“, се наведува во соопштението.
„Макстил“ информира дека случајот е пријавен во надлежните институции, чии екипи излегле веднаш на самото место на настанот.
„Макстил АД по итна постапка формираше комисија за детална интерна истрага за утврдување на околностите под кои настанал инцидентот и повредата, како и за одговорноста за истите. Јавноста ќе биде навремено информирана со повеќе информации и детали во моментот кога тие ќе бидат достапни“, се додава во соопштението.