
Несовесни граѓани украле 12 блокатори поставени на тркалата на непроприсно паркираните возила во првите седум месеци од 2014 – та година, велат од Градски паркинг – Скопје.
Oд 2010 година, кога е воведена оваа санкција за непрописно паркирање, до месец јули 2014 година украдени се вкупно 121 блокатор на тркало на ЈП „Градски паркинг“.
При користење паркинг-услуга на зонските паркиралишта секој корисник е должен да ја подмири услугата паркирање преку испраќање СМС порака или со греб картичка. Доколку не се изврши навремено плаќање за паркирањето, службите на јавното претпријатие спроведуваат санкција – се поставува блокатор на тркалото на возилото за чие отстранување е потребно да се изврши наплата на казната за непрописно и несовесно паркирање.
Од досегашното петгодишно искуство на ЈП „Градски паркинг – Скопје“ е утврдено дека некои граѓани сакајќи да ја избегнат казната го заменуваат тркалото на кое што е поставен блокаторот со друго и го напуштаат паркиралиштето.
Откако службите на ЈП „Градски паркинг – Скопје“ ќе утврдат дека блокаторот е украден/одземен, случајот во рок од 8 часа се пријавува во полиција која потоа трага по сторителите, а се спроведува и соодветна постапка за наплата на казната и нанесената штета. Во одредени ситуации се спроведува и судска постапка.
ЈП „Градски паркинг- Скопје“ апелира до граѓаните да ја чуваат и да не ја оштетуваат опремата на јавното претпријатие и да ги почитуваат правилата за паркирање на зонските паркиралишта.