Првпат по Фукушима подигната проценката за глобалното ниво на нуклеарната енергија

Меѓународната агенција за атомска (IAEA) во четвртокот ја ревидираше нагоре својата прогноза на глобалното ширење на нуклеарната енергија првпат во десет години.

Катастрофата во јапонската нуклеарна централа Фукушима Даичи во март 2011 година го загрози секторот на нуклеарната енергија. Меѓутоа, многу држави во рамките на справувањето со климатските промени, размислуваат за премин на науклеарна енергија, објави IAEA.

Како што соопшти оваа агенција на Обединетите нации со седиште во Виена, глобалниот капацитет на нуклеарно производство би можел да се зголеми максимално за 792 гигавати до 2050 година, што е 10 отсто повеќе отколку според минатогодишната процена.

Според IAEA, тоа е можно да се постигна само со новите технологии во нуклеарниот сектор. Тоа го вклучува производството на водород како преносник на енергијата и користење напредни реактори. Во поконзервативното сценарио, производствениот капацитет би останал речиси ист, на 392 гигавати.

Минатата 2020 година околу 10 отсто од светската електрична енергија доаѓале од нуклеарните централи. Во IAEA проценуваат дека до 2050 година овој удел максимално може да се зголеми на околу 12 отсто.

IAEA ги гледа нуклеарните централи како извор на чиста енергија. Некои земји, пак, како Германија се решија на укинување на нуклеарените централи, правдајќи го потегот со безбедносни ризици и проблеми со складирањето на нуклеарниот отпад.