Завршени се сите градежни работи за зајакнување на катедралата Нотр-Дам во Париз, што овозможува да почне и делот за реставрацијата на катедралата, две години откако пожарот го уништи поткровјето и предизвика кулата да падне низ сводот, соопштија денеска официјални претставници.
Кратко по пожарот во април 2019 година, претседателот Емануел Макрон рече дека катедралата, која датира од 12 век, ќе биде целосно обновена и подоцна вети дека ќе ја отвори за верниците до 2024 година, кога Франција ќе биде домаќин на Олимпијадата.
Последната фаза на зајакнување на структурата вклучува зајакнување на сводите со џиновски дрвени заоблени рамки, соопшти државната агенција која ги предводи работите, додавајќи дека работите се одвиваат во согласност со планот за отворање изготвен од претседателот Макрон.
Целосно ќе биде обновен претходниот дизајн на катедралата, што ќе ја вклучува и кулата од 96 метри, дизајнирана од архитектот Јуџин Виолет-ле-Дук во средината на 1800 години и за која беше избрано ново дрво.
Работата на реставрацијата на катедралата треба да почне во следните неколку месеци, откако ќе заврши тендерот за избор на компаниите изведувачи. Пред тоа, овој месец ќе почне процесот на чистење на внатрешните ѕидови и подот на катедралата, соопшти агенцијата.