Утре е голем празник – Рождество на Пресвета Богородица

Рождество на Пресвета Богородица

Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко и беше од племето Давидово, а мајка и од родот Аронов. И така Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник. Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа се ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, којашто подоцна им роди само еден внук – но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата – тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

Тропар
Раѓањето Твое, Богородице Дево, радост и јави на целата вселена, зашто од Тебе засветли Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог, и, откако ја разурна клетвата, благослов ни даде; а кога смртта ја уништи, вечен живот ни дарува.

Кондак
Јоаким и Ана со Твоето свето раѓање, Пречиста, се ослободија од срамот на бездетноста, а Адам и Ева – од распадливоста смртна. Затоа и празнуваат луѓето Твои, избавени од гревовната вина, кога Ти пеат: Неплодна (жена) ја раѓа Богородица и, на Животот наш – Хранителката.

Празник на иконата на Пресвета Богородица во Калишта

Во манастирот на Пресвета Богородица близу селото Калишта, западно од Струга, Пресвета Богородица ја покажуваше својата сила и милост низ могубројни чуда. Мнозина болни беа исцелени чудотворно, а разбојниците што намислуваа да го ограбуваат или осквернат манастирот беа луто казнувани од невидлива сила. Во храмот се наоѓа и чудотворна икона на Пресвета Богородица, а во близина има две исцелителни води: на Свети Петар и на Свети Ананија. Недалеку од главниот храм има пештера и во неа параклис посветен на Свети Атанасиј.

Во Волињската губернија во Почајево се наоѓа прочуен манастир на Пресвета Богородица, каде што Мајка Божја најпрво му се јави околу 1340 г. на еден од двајцата монаси што се подвизуваа во една пештера. Оттогаш местото стана непресушен извор на многубројни чудесни настани.