Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска повторно ги повика пратениците да престанат со политичките игри и да ги изгласаат измените на Законот за работни односи со кои недела треба да биде прогласен за неработен ден.
„Апелираме пратениците да се пребројат и прекалкулираат уште еднаш, што тие губат и каква штета на работникот му прават, а воедно каква штета си прават и тие самите. Ги повикуваме сите кои му мислат лошо на работникот да престанат со политичките игри и пресметки на грбот на оние кои ги гласаат“, се вели во денешното соопштение од ССМ.
Измените на Законот за работни односи се заглавени во собраниската Комисија за труд и социјална политика. Откако ќе поминаат на оваа Комисија, треба да бидат изгласани на пленарна седница. Предлогот недела да биде неработен ден треба да почне да се применува од 1-ви октомври.
Претходно во средата премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не е коректно да се блокираат закони во Собранието и дека треба да се има одговорност пред граѓаните.
„Не сакам да обвинувам никого, сакам само да апелирам на одговорност пред граѓаните. Ние сме бирани, земаме плата да им служиме. Не е коректно да се блокираат законите, јас разбирам кога има политичка цел, кога има аргумент за тоа нека се соопшти, но навистина нема никакви аргументи за ваквите законски решенија да бидат блокирани. Ниту влијаат на изборите, ниту нешто можат да сменат во плус или во минус на претстојните избори, треба да се донесат затоа што се добри за целиот народ без разлика на неговата политичка определба“, рече Заев на прес-конференцијата во Владата.