Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во август се зголемени за 214 денари во однос на јули. Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека за основните месечни потреби на едно семејство му се неопходни 34.342 денари, а доколку во семејството има барем еден ученик, тогаш трошоците се зголемуваат за околу осум илјади денари.
Од Сојузот на синдикати на Македонија за МИА велат дека ниту просечна, ниту две минимални плати, се доволни за да ја покријат синдикалната минимална кошница. Анализите на ССМ покажуваат дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат.
Најмногу пари, според пресметките на ССМ, се трошат за храна и пијалоци (14.633 денари) и за плаќање на режиските трошоци (10.818 денари). За лична хигиена, минималните трошоци изнесуваат 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари.
Посебен товар за граѓаните е и почетокот на учебната година. Минимално за ова, според ССМ, би се потрошиле осум илјади денари само за еден ученик.
Пораст на трошоците на живот евидентира и Државниот завод за статистика. Според објавените податоци за август, пораст е забележан кај зеленчукот за околу 15 проценти, кај сирењето и урдата за 1,1 процент, кај месото за 0,9 проценти, лебот и житата за 0,7 проценти и кај млекото за 0,6 проценти.
„Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на синдикалната минимална кошница“, оценуваат од ССМ и предупредуваат дека ако продолжи минималната плата да стагнира односно да се усогласува без да бидат прифатени забелешките од синдикатите, ќе има тренд на осиромашување на населението.
ССМ извесен период бара минималната плата да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата, а при последното усогласување во март годинава побара да не се земе предвид падот на Бруто домашниот производ како еден од трите параметри за усогласувањето, но нивниот предлог не беше прифатен.
„Поради се поевидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба плата за живот со која како работници, без да се грижиме за нашата егзистенција, ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница со само една плата“, посочуваат од ССМ во изјавата за МИА.
Од ресорното Министерство за труд и социјална политика, пак, укажуваат дека во изминатиот период се бележи пораст на платите во државата. Повикувајќи се на официјалните статистички податоци за јули годинава посочуваат дека нето платата е зголемена за 1.309 денари во однос на јули минатата година.
„Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна нето плата за јули 2021 година, која е објавена во септември 2021 година, изнесува 28.540 денари и е повисока за 1.309 денари во однос на истиот месец од претходната година или 4,8 проценти. Нашите очекувања се и понатаму да има пораст на платите во земјата со што ќе се влијае и на состојбата на животниот стандард на граѓаните“, стои во одговорот што МИА го доби од Министерството.
Во однос на предлогот на ССМ да не се зема предвид негативниот пораст на БДП при усогласувањето на минималната плата, од МТСП појаснуваат дека во законот се утврдени критериуми за корекција и оти какво и да било менување на овие критериуми, мора да биде разгледано во рамки на социјалниот дијалог.
„Минималната плата се утврдува со Законот за минимална плата и истата се објавува секоја година во март а се применува од април. Во Законот се утврдени критериуми за корекција на минималната плата. И сегашното законско решение за утврдување, односно критериумите за корекција на истата се утврдени со социјалните партнери. Поради ова сметаме дека какво било менување на критериумите кои ќе имаат влијание на минималната плата треба да биде предмет на социјален дијалог помеѓу социјалните партнери“, наведува МТСП.
Минималната плата во земјава изнесува 15.194 денари во нето износ. Ново усогласување се очекува во март следната година. При усогласувањето предвид се земаат три параметри – една третина од порастот на просечно исплатената плата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на БДП.