
Нови масовни протести започнаа денеска во Тузла, на кои неколку стотици работници бараат преразгледување на спорната приватизација на нивните претпријатија, пренесе МИА.
Тие протестираат пред Кантоналниот суд и Обвинителството, извикувајќи „крадци“ и „криминалци“.
Весникот „Дневни аваз“ пишува дека во градот пристигнуваат голем број работници од други подрачја на Тузланскиот кантон. Меѓу демонстрантите се наоѓаат и универзитетски професори, како и професори и наставници од основни и средни училишта, пензионери и други.
Формирана е делегација која ќе побара од јавниот обвинител повторно да бидеат отворени предметите за, според нив, „криминалната приватизација“ на тузланските претпријатија и да се изврши ревизија.
Протестите засега се мирни, а ангажирани се голем број на полицајци, кои ги обезбедуваат зградите на Судот и Обвинителството.