За речиси два месеца 1.162 починати од коронавирус, 175 од нив биле вакцинирани

Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Covid-19, во период од 6-ти август заклучно со 30-ти септември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

„Во период од 06.08 до 30.09.2021 на територија на државата 35.531 граѓанин, се позитивни од тестирани на Covid-19, од нив 23 отсто биле целосно вакцинирани, односно 8.233 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Covid-19. Според статистика за изминативе недели, 27.298, граѓани, односно 77 отсто од позитивните на Covid-19 не биле вакцинирани“, велат од Министерството.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 проценти од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.

„Во период од 6.08 до 30.09.2021 на територија на државата починале 1162 лица со Covid-19, 987 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 15% примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на Модерна и Џонсон. Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SARS-CoV-2“, информираат од Министерство за здравство.