
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека ќе се обиде да ја спречи високата инфлација со отворање илјада нови пазари кои треба да им обезбедат на граѓаните снабдување со производи за широка потрошувачка по разумни цени.
Владата им нареди на земјоделските задруги да отворат околу илјади нови продажни места, чија изградба треба да започне наскоро, со цел да се снабдат граѓаните со „евтина и квалитетна стока“ и „да се балансира пазарот“.
„Наложивме отворање на околу илјада вакви продажни места низ Турција, со минимална површина од 500 квадратни метри. Тоа се продажни места каде што цените се прифатливи за буџетите на нашите граѓани,“ изјави Ердоган по посета на земјоделска задруга во Истанбул.
Фрустрирана од напорната двоцифрена инфлација и намалената популарност, според анкетите, Владата уште еднаш го впери прстот во супермаркетите, отворајќи неколку истраги поради сомнеж за потенцијално високи цени.
Анкара посегна по слична мерка во 2019 година, по валутната криза и скок на инфлацијата, отворајќи свои пазари каде земјоделците продаваа свој зеленчук и овошје по ниски цени.
Владата на тој начин ги потисна трговците од синџирот на снабдување, кои ги обвинува за зголемување на цените. Зголемувањето на цените на храната за речиси 30 проценти, глобалниот скок на цените на суровините и остриот пад на турската лира го поддржаа јакнењето на инфлацијата во текот на оваа година. Во изминатите пет години, стапката на инфлација беше главно двоцифрена и ја разори куповната моќ на домаќинствата во Турција