Грција не гледа никаква смисла за отпочнување на какви било преговори за членство на Турција во Европската унија, се додека Анкара не ја признае Република Кипар, истакнал портпаролот на грчкото Министерството за надворешни работи, Константинос Кутрас.
Коментарот на Кутрас претставува реакција на изјавата на шефот на турската дипломатија Ахмед Давутоглу при потпишувањето на Договорот за реадмисија со Европската комисија, дека Турција не го признава постоењето на Кипар.
„Ако Турција не ги разбира и не ги прифаќа таквите прости и фундаментални факти, какви било конкретни преговори за нејзината европска перспектива немаат никаква практична смисла“, истакна Кутрас.
Изјавата на Давутоглу за непризнавање на Кипар не е прв таков став на висок турски претставник. Во ноември, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изјави дека „нема држава која се нарекува Кипар, туку има само грчко-кипарска администрација, која е примена во ЕУ од политчки причини“.