Ова не е само избор помеѓу две спротивставени политички партии. Ова е борба на два концепти – концепт на уништување од една страна и, од друга страна, концепт на промени, проекти и победи. Концепт на манипулации наспроти концепт на реални и остварливи решенија. Неработници, забушанти и сплеткари, наспроти вредни луѓе со интегритет, вели носителот на советничката листа за Град Скопје, професор Трајко Славески на денешниот митинг пред граѓаните на општина Чаир.
Славески нагласи дека повеќе не сака Скопје да биде валкано, загадено и уништено, порачувајќи дека скопјани заслужуваат промени и проекти, а не како до сега ароганција и мрзливост.
-Ние скопјани повеќе не сакаме Скопје да биде валкано, замирисано, загадено, уништено. Не сакаме Скопје да биде во застој, уништено во духот. Ние заслужуваме модерно, вибрантно, европско Скопје. Наместо тоа, ние во изминативе години се соочуваме со градска управа што не може да ги остварува ни основните функции! Ѓубрето не може да го собере! Дупките на улиците не може да ги закрпи! Уличните кучиња не може да ги прибере! Не само што ништо ново не создале, туку и она што го имаме не можат да го зачуваат. И сега, сега, и во оваа кампања ли ќе слушаме како ќе ветуваат нови паркови и чист воздух? Истите оние кои среде пандемија исфрлаа смет и отпад во Вардариште, истакна Славески.
Ние не можеме да чекаме уште четири години некој да му ја краде иднината на Скопје. Не смееме да прифатиме дека тие се најдоброто за Скопје, зашто НЕ СЕ. Ние заслужуваме многу повеќе и затоа време е да ставиме крај на ароганцијата и мрзеливоста. Време е за промени, за проекти, за заеднички победи, рече тој.
Славески потенцираше дека се борат за совет кој што ќе биде конструктивен, домаќински ќе работи и ќе биде контролор на градоначалникот и на јавните претпријатија, а не совет кој што ќе биде само гласачка машина.
-Ние, за разлика од нашите политички конкуренти, не се бориме за да станеме гласачка машина во Советот на град Скопје. Се бориме за Совет што ќе биде конструктивен, ќе осигура домаќинско работење на градската управа и ќе биде контролор на градоначалникот и на јавните претпријатија и други институции каде што е градот основач, а притоа ќе работи во дослух со граѓаните, вели Славески.
Славески вети дека Скопје ќе биде град со нова Универзална сала, нов забавен парк, ред во сообраќајот, како и град со безбеден и ефикасен еколошки јавен превоз.
-Со целосна поддршка на Програмата за модерно Скопје на независниот кандидат за градоначалник, г-ѓа Данела Арсовска, ние се обврзуваме и гарантираме исполнување на клучните приоритети за градот Скопје. Размислуваме и планираме стратешки, темелно и долгорочно, а делуваме практично, брзо и сигурно. Град со ред во сообраќајот. Град со безбеден и ефикасен еколошки јавен превоз. Гасифициран град со можност за приклучок во секое домаќинство. Град со десетици илјади метри квадратни нови паркови. Град со нова Универзална сала, нов забавен парк. Град со нови можности за младите да останат да живеат и творат во Скопје. Тоа е Скопје што го сакаме, тоа е Скопје што го заслужуваме! Тоа е Скопје за кое вреди да се бориме, нагласи Славески.
Славески, на крај ги повика скопјани да дадат поддршка за советничката листа на Град Скопје и кандидатот за градоначалник поддржан од ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Данела Арсовска, како и поддршка за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во општина Чаир.
-Ве повикувам да гласаме за бројот 7 за Совет на Град Скопје и да избереме нова иднина која ќе ја создаваме сите заедно. Заедно драги мои скопјани, ќе победиме на 17 октомври. Ќе ги победиме неработењето, криминалот и корупцијата! На 17 октомври ќе ја создадеме новата иднина за Скопје, повика Славески.