
Земјите во развој ќе добијат нови даночни права што ќе им овозможат да остварат повеќе даночни приходи од најголемите и најпрофитабилните компании, вклучувајќи ги и високо дигитализираните компании, што го овозможува договорот за корпоративна даночна реформа, кој Македонија го потпиша минатиот петок заедно со 136 други земји, информираат во вторникот од Министерството за финансии.
Договоротм, за кој се преговараше четири години, се доживува како пресвртница во корпоративното оданочување. Големите компании ќе плаќаат минимално 15 отсто даноци и се смета дека ќе им биде потешко да го затајуваат данокот.
Од таму додаваат дека реформата се состои од два столба и се однесува на оданочување на дигиталните активности на мултинационални корпорации, како и применување на минимална глобална корпоративна даночна стапка за големите мултинационални компании.
„Со првиот столб од договорот се очекува реалоцирање на профитот од повеќе од 125 милијарди американски долари од 100-те најголеми и најпрофиталибилни мултинационални корпорации во земјите ширум светот, обезбедувајќи овие корпорации да го платат својот фер удел на данокот каде и да работат и генерираат профит. Со вториот столб, пак, се воведува глобална минимална стапка на корпоративен данок од 15 проценти, со што се проценува дека на глобално ниво ќе се остварат околу 150 милијарди американски долари нови приходи годишно“, наведуваат од министерството.
Дополнуваат дека со глобалниот минимален данок ќе се стави крај на даночните раеви и ќе се намалат стимулациите за мултинационалните корпорации да го префрлаат профитот од земјите во развој.
Договороте постигнат меѓу 136 држави кои претставуваат 90 отсто од светската економија, соопшти Организацијата за економска соработка и развој (ОECD), која беше домаќин на преговорите. Четири членки на организацијата: Кенија, Нигерија, Пакистан и Шри Ланка, не се придружија на договорот.
Договорот би требало да ги спречи големите компании да бележат добивки во земјите со мали даноци, како што е на пример Ирска, без оглед на тоа каде се наоѓаат нивните клиенти, што стануваше сѐ поитно прашање со растот на ткн Big Tech гиганти коишто лесно може да работат и надвор од границите на матичните земји.
Аналитичарите наведуваат дека овој договор претставува обид да се контролираат начините на коишто глобализацијата и дигитализацијат ја менуваат светската економија.