
Грчки дипломатски извори велат дека заживувањето на меѓународен интерес за прашањето за името е фактор што може да го забрза развојот на настаните, пишува денеска електронското издание на „Катимерини“, пренесува МИА.
„Дипломатите сметаат дека тврдењата на Груевски дека Атина е одговорна за одолговлекувањето, потенцијално произлегуваат токму од притисокот, кој постепено почнува да се чувствува од страна на меѓународната заедница. Во исто време, грчката страна ги убедува партнерите и сојузниците дека европската и евро-атлантската перспектива на Македонија не зависи само од прашањето за името, туку исто така треба да се исполнат и голем број други критериуми“, пишува провладиниот весник.
Речиси сите грчки медиуми во своите електронски изданија објавија извештај за вчерашната средба на медијаторот Метју Нимиц со министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос, претежно пренесувајќи ја веста на државната новинска агенција. Тие истакнуваат дека Атина уште еднаш јасно стави до знаење дека нема да прифати име со географска одредница пред „Република“, туку само пред „Македонија“, и тоа да биде име за сите употреби.
Венизелос ја опиша средбата со Нимиц како „корисна и интересна“.
„Ние го рековме она што имаме да го кажеме. Го повторив тоа што го кажав јавно во грчкиот Парламент, во Европскиот парламент и она што го реков за време на мојата посета на Скопје“, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на Венизелос.