
Животот за граѓаните во Општина Сарај како да застанал во 19 век. Додека светот се движи кон врвот на технолошко индустрискиот развој, жители во оваа општина немаат ниту елементарни услови за живот. Домаќинствата живеат без канализација и вода за пиење, со улици и патишта во целосен мрак без улично осветлување и без асфалт.
Со овие зборови може да се опише животот на околу 35 илјади жителите во општина Сарај. Жално, но вистинито. За трагедијата да биде уште поголема, треба да се напомене дека Општина Сарај од главниот град Скопје, оддалечена е само неколку километри и е дел од скопските општини, која граничи со една од нај урбаните општини во главниот град, општина Карпош.
За решавање на големите инфраструктурни проблеми кои ги мачат жителите, како водовод, канализација, асфалтирање и осветлување на главните улици и патишта, освен општина Сарај, надлежен и Град Скопје. Но, по се изгледа, градскиот татко на овие граѓани се посетува само кога треба да им ја дадат довербата на локалните избори. Таков е и случајот со актуелниот градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов кој од жителите на оваа општина, минатите локални избори во 2017 година освои огромна поддршка, а за возврат не се потруди на мештаните на им обезбеди ниту вода за пиење. Жителите на населените места, летово кое беше забележано со екстремно високи температури од над 40 степени и во пандемија со Корона вирусот, со денови беа оставени без вода.
„Населеното место Горна Матка во општина Сарај веќе 3 дена нема воопшто вода за пиење. Во поплаките што стигнаа до мене граѓаните велат дека главната пумпа не работи, а проблемот е секое лето огромен со недостиг на вода а истото се случува и во Долна Матка. Граѓаните сами обезбедуваат вода од локалните продавници. Замислете како е на тие граѓани кој во овие пеколни температури немаат вода за пиење и хигиена. Локалната и градската власт спијат и никој не се за ангажирал проблемот да биде решен. Ова е катастрофа. Бараме од надлежните да одговорат и веднаш да преземат мерки за обезбедување на вода за населението во Горна Матка“, објави на својата Фејсбук страница претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Сарај Мартин Стојановски во месец август.
Инаку, општина Сарај особено неколку нејзини населени места како селата Копаница и Бојане, од изворот Рашче од кој над 500 илјади граѓани на Скопје ги снабдува со вода за пиење, се оддалечени не повеќе од три километри. А, во 2021 година овие граѓани немаат редовен пристап до вода за пиење. Од друга страна, жителите во Грчец кај Сарај се крајно загрижени поради тоа што нивните патишта е во многу лоша состојба. Улиците не се регулирани, немаат канализација и осветлување. Немањето на осветлување уште повеќе ја зголемува нивната загриженост затоа што кога децата се враќаат од училиште ноќе или кога самите се враќаат дома, се во опасност бидејќи покрај патот тече реката, а на страните на патот нема заштитна ограда. Немањето осветлување ги загрозува уште повеќе.
Жителите велат дека патот во оваа состојба пречекал и испратил многу градоначалници кои не се потрудиле да направат и најмала инвестиција. Во февруари месец, жителите собраа потписи кои ги доставија до Општината Сарај, но како што рекоа, не им биле ветени конкретни решенија. Тие исто така се жалат дека плаќаат за јавно осветлување, но осветлување на улиците немаат.
„Јас тука живеам околу 14 години и овој пат е во оваа состојба. Сите се пожаливме, но ништо не е сторено. Канализацијата ја донесоа до пола пат“, „Еве, самиот ја ископав и ме чинеше околу илјада евра. Тие велат – ќе се направи, ќе се направи – Бог знае кога ќе се направи. Погледнете како е, како за жаби да е“.
„Плаќаме за јавно осветлување, но немаме осветлување. Самите се качуваме на бандерите за да поставиме ламби. Патот е во катастрофална состојба. Го фрлаат по улиците она што го работеле по куќите, се создава косина и целата вода ни влегува во подрумот. Сите се жалиме, но залудно. Двапати се превртеа автомобили таму“, се дел од сведоштвата, кои за телевизија Алсат ги искажаа жителите на овие населени места во Сарај.
Освен ова, жителите на селата Свиларе и Арнакија, во општина Сарај, се жалат дека им се бараат по 255 ден за одржување на канализацијата, иако немаат канализација во селото или воопшто не се поврзани со мрежата. Жителите на селото Свиларе велат дека за неплаќање на овие сметки општинското јавно претпријатие ангажирала и извршители за да ги добие парите. Освен што град Скопје, под раководство на Петре Шилегов ништо не направил за овие граѓани кои му дадоа максимална поддршка, по се изгледа дека за нив не се потрудиле да направат ниту градоначалниците на Општина Сарај, кои со години наназад доаѓаат од редовите на ДУИ, која освен на локално ниво, последните 20 години во континуитет е дел и од централната власт.