Најавата на општина Аеродром дека од понеделник ќе почнат да се спроведуваат строги казни за шетање миленичиња без заштитна маска, за здружението за заштита на животни „Анима Минди“, е неоснована и дискриминирачка.
„Она што го сметаме за неприфатливо, нехумано на што се спротивставуваме (во пракса, во голем број случаи е неизводливо да се примени) е приморување на сопствениците на миленици да на своите мирни, дружељубиви и неагресивни животни им ставаат заштитни маски при секое шетање, или да ги носат секогаш и секаде на поводник – без исклучок- додека шетаат. Таквите мерки се насилни и кон животните и кон граѓаните кои имаат кротки миленици кои за никого не се опасност и бараме да се отповикаат. Кој и малку ја познава природата на животните знае дека маските на животните им сметаат на начин на кој иста таква маска би му пречела и на човек; како и дека е речиси неизводливо да куче, кое да речеме има 5, 6 или 10 години и никогаш не носело маска, наеднаш на неа се навикне и ја прифати. Таков процес е насилен кон животните и животните го доживуваат како казна. На куче кое нема навика да носи маска, секое излегување на улица би му било само стрес. Носењето маски не треба да важи за сите животни, туку за оние кои се со непредвидлив карактер – секако сопственикот е тој кој го познава и проценува својот миленик и одговара за секоја потенцијална штета предизвикана врз друго лице или друго животно. Затоа бараме да казните кои ги најавувате и се однесуваат на шетање миленик без поводник станат практика само во услови кога општина Аеродром ќе обезбеди најмалку онолку шеталишта/паркови за животни (големи и опремени по ЕУ стандарди), колку што има населби во рамки на својата територија“, се вели во соопштението на „Анима Мунди“.