СДСМ и Заев до вчера ни вeлеа дека се најдобри. Народот им покажа дека се најлоши. До вчера не убедуваа дека победиле, на изборите кои ги загубија, а сега се премислија и велат да се обединиме за да одиме напред. И не застануваат со ароганцијата, и велат само со Заев можело напред, истакна денеска на средба со граѓаните на општина Радовиш, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски го искоментира и писмото на Заев до членството каде што граѓаните кои не гласале за него ги нарекува зло, порачувајќи му дека тие не се зло, туку дека тоа е Македонија, а Македонија никогаш не била зло.
Заев во писмото кое го напиша до членството индиректно ги обвини сите кои не гласаа за него дека се зло во оваа земја. Јас не само што не мислам дека се зло, туку мислам дека тоа е Македонија, а Македонија никогаш не била зло, а не се ни зло оние кои поради некоја причина гласале за Заев. Затоа што доста и е на Македонија од конфликти и делби, доста е од граѓани кои ги делат на наши и ваши. Ова е нашата Македонија, Македонија на народот на Македонија, додаде тој.
Претседателот Мицкоски вели дека на Заев не треба да му се верува кога говорел дека ја разбрал пораката од народот, додавајќи дека тој е спремен се да каже само за да ја зачува фотелјата која за него претставува моќ, власт и пари.
Македонија го нема времето да ја разбере Заев пораката од народот. Не наседнувајте на евтини трикови. Прочитан е. Тој сака да заборавите дека цели 52 месеци е власт, и досега најмалку 3 пати вели дека ја разбрал пораката и продолжува по старо. И тука ми е нејасно кога повеќе ја лажеше јавноста кога велеше дека се најдобри за вашата општина или сега кога вели дека разбрал што сака да каже народот? И не за џабе велам волкот го менува влакното, но карактерот не. Заев му гори под нозете и затоа имаме една подвоена личност, еднаш вели најдобар друг пат покајнички по трет пат вели разбрал порака, а во суштина не разбрал ништо. Тој е спремен да каже се што сакате да чуете само да ја задржи фотелјата која за него е моќ, власт и пари, дециден е Мицкоски.