Арсовска: Подобрена инфраструктура, зелени површини и сообраќаен ред за Карпош

Во еден од урбаните делови од Карпош, каде што до сега се закопуваше нелегален отпад треба да никне нов парк, затоа што наместо да расте бројот на диви депонии, јас се обврзувам на нивно итно чистење и на што е можно повеќе зелени површини, изјави независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска за време на посетата на Oпштина Карпош.

На средбата со карпошани, од населбите Карпош 4, Карпош 1 и Жданец, Арсовска понуди отвореност, транспарентност и заедничка соработка при надминување на проблемите со кои што се соочува општината. Главен предизвик за овие жители е справувањето со урбаната мафија која се повеќе го зема својот замав со појава на згради на секое ќоше, а потребно е и итно изнаоѓање на соодветни паркинг решенија.

-На неконтролираното градење ќе му дојде крајот со изработката на детални урбанистички решенија креирани во соработка со експерти. Сообраќајниот хаос ќе се реши со достапен и ефикасен јавен превоз и брзи сообраќајници што ќе ги поврзуваат сите населби. Кејот на Вардар од двете страни ќе добие комплетно уредување и нов, современ изглед, а ќе бидат поставени и спортски содржини – патеки за трчање и за велосипеди. Затворените врати на општинските служби ќе бидат минато, затоа што предвидувам отворање канцеларија што ќе биде во служба на граѓаните, 24/7 за итни интервенции и постојано ќе излага пресрет на нивните барања поврзани со градот. Граѓаните имаат прво да одлучат за тоа каква ќе биде нивната иднина и затоа нивниот глас мора да биде најизразен во работењето на секоја општина, посочи Арсовска.

За жителите од Жданец пак, приоритетно е да се реши квалитетното водоснабдување, а Арсовска рече дека тоа ќе се овозможи преку поврзување на втора јужна висока зона од Жданец во Карпош.

„Не само во Жданец, на ниво на цела општина ќе има подобрување на инфраструктурата, ќе се замени фекалната канализација и ќе се започне со асфалтирање. Овие проблеми од моја страна се детектирани од претходно и веќе имам издржан план и реални проекти со кои што ќе ги надминеме овие недостатоци уште во првите денови од мојот мандат“ – заклучи Арсовска.

За време на посетата, кандидатката за градоначалник наиде на позитивни реакции од страна на жителите од Општина Карпош, кои што и ветија дека и во вториот круг на гласање ќе и ја дадат својата поддршка, а за неа, како што кажа пред нив, ова е најголем мотив за да истрае во изборната трка и достојно да ги застапува нивните интереси како градоначалник на Град Скопје.