Словенечкиот министер за здравство предупреди денеска дека земјата се соочува со лошо сценарио доколку не успее да ја стави под контрола ситуацијата со болеста. Болничките капацитети се преполни, изјави Јанез Поклукар, откако Словенија во последните 24 часа регистрираше над 3 000 новозаразени, најмногу од Јануари.
-Додека гледавме со страв во соседна Италија на почетокот на епидемијата, сега сме во пресвртен миг заради ниската стапка на имунизација и лесно би можеле да го доживееме сценариото од Бергамо. Да, добро ме слушнавте. Толку е сериозна ситуацијата и тоа би бил крајот на нашиот здравствен систем, како што се случи во Бергамо” – вели Јанез Поклукар.
Стапката на имунизација во Словенија изнесува околу 53%, а ниската стапка на имунизација е главната причина за подемот на пан*емијата во речиси сите земји на Балканот, кои се соочуваат со пораст на бројот на заразени.
Додека стапката на имунизација во земјите од Европската Унија е над 70 проценти, во централна и источна Европа таа е најчесто и под 50 %. Во Хрватска денеска беа потврдени околу 4 500 нови случаи, а во Загреб секој втор тестиран бил позитивен.