Во рибарската војна Франција заплени британски брод

Велика Британија ja осуди во четвртокот француската заплена на британскиот рибарски брод во француските територијални води, во контекстот на спорот околу правата за риболов по брегзитот кој сѐ повеќе се заострува.

Француската министерка за море Аник Жирарден изјави дека бродот е запленет во текот на рутинските патролирања во водите кај Ле Авр во текот на изминатата ноќ и дека не му е дозволен риболовот во француските територијални води. Друг британски рибарски брод добил само усмено предупредување, додаде.

Против капетанот на запленетиот рибарски брод може да биде поднесена кривична пријава, а изловот му е запленет, наведува француското министерство.

Организацијата на англиските рибари смета дека бродот можеби по грешка не се наоѓа на листата бродови на коишто им е дозволен риболовот.

Овој потег се толкува како сигнал за решителноста на Франција да не дозволи во спорот со Велика Британија не биде постигнат напредок во преговорите. Париз се закани со санкции кои вклучуваат дополнителни царински проверки на британските стоки, зголемување на царините, па дури и намалување на извозот на електрична енергија.

„Ова не е војна, меѓутоа е битка“, изјави министерката Жирарден за радиото RTL. Истакна дека Франција не може да го запре извозот на струја во Британија, но може да ги зголеми царините.

Британската влада оцени дека француската реакција е „разочарувачка и непропорционална“ и дека „не е она што би го очекувале од близок сојузник и партнер“.

Париз тврди дека Лондон одбил да им одобри на француските рибари сите дозволи за риболов во британските територијални води на кои имаат право, додека британската страна тврди дека им издава дозволи на оние бродови кои ги исполнуваат критериумите.

„Сега мораме да зборуваме со јазикот на силата, бидејќи изгледа дека тоа е единственото што оваа британска влада го разбира“, изјави францускиот државен тајник за европски работи Клемент Бине за CNews.

Челникот на британската Национална федерација на организациите на рибарите, Бари Диес, оцени за BBC дека Париз сака да го ескалира спорот, бидејќи се приближуваат француските претседателски избори.