Најсилната порака што Европската унија може да ја прати сега е да закаже датум за почеток на пристапните преговори со Скопје и Тирана пред крајот на оваа година, рече Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, на дебата за западен Балкан во Комитетот за надворешни работи во Претставничкиот дом.
Како што пренесе Гласот на Америка на македонстки, Ескобар рекол дека двете држави ја завршиле тешката работа што била потребна, и оти одложувањето на пристапниот процес поттикнува сомнеж во европската иднина на регионот.
„Затоа државниот секретар Блинкен и висoкиот ЕУ претставник Хосеп Борел на 14. октомври објавија заедничка изјава дека пристапувањето во ЕУ е единствениот пат напред за регионот. Мир, стабилност и просперитет се нашата заедничка цел“, рече Ескобар, додавајќи дека „работиме со нашите европски партнери да осигураме дека пристапувањето останува реална можност во реална временска рамка“.
Пред почетокот на дебатата, конгресменот Бил Китинг, претседавач со Поткомитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом за Европа, ја повикал Европската унија да работи со Бугарија да осигура дека пристапниот процес со Македонија и Албанија ќе може да почне до крајот на годината.
„Исто така, сакам да ги повторам државниот секретар Блинкен и високиот претставник Борел во охрабрувањето на вклучувањето на Западен Балкан во Европската Унија и продолжената поддршка за започнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, изјавил Китинг.
Тој изрази силна поддршка за ангажманот на САД во Западен Балкан како геостратешки регион кој е од витално значење за мирот и стабилноста во Европа.
„Верувам дека нашиот позитивен ангажман во регионот дополнително ќе го поттикне демократскиот развој на Западен Балкан заснован на вредностите на демократија, слободен печат, човекови права, борба против корупцијата и владеење на правото, кои мора да останат главен приоритет за актерите во Западниот Балкан“, рече тој.
Конгресменот додаде дека „евентуалното вклучување на Западен Балкан е критично за долгорочниот мир и стабилност во трансатлантскиот регион. За таа цел, сакам да ги осудам малигните актери во регионот кои се обидоа да го дестабилизираат регионот. Русија активно работи на сеење поделеност, ширење дезинформации и попречување на какви било напори кон евроатлантската интеграција. Во исто време, Кина продолжува да му нуди на регионот лажни економски ветувања, поттикнува понатамошна корупција преку нејзините нетранспарентни инвестициски практики“, додал Китинг.
Ги поддржал и иницијативите за поттикнување на зголемена трговија меѓу земјите од западен Балкан, велејќи дека верува оти „ економските врски само ќе го поддржат мирот и демократскиот развој“.
Китинг, исто така, побарал од администрацијата на претседателот Бајден да разгледа дополнителни санкции каде што е соодветно во западен Балкан, со цел да се постигнат целите на американската политика и да се поддржи демократијата, антикорупцијата и владеење на правото.
„Ги поддржувам напорите на претседателот Бајден за борба против корупцијата во регионот, како што е наведено во проширувањето на програмата за санкции на Западен Балкан од страна на администрацијата во јуни 2021 година. Оние кои го дестабилизираат регионот или злоупотребуваат јавни средства мора да одговараат. Западен Балкан останува регион со значителен потенцијал. И покрај промената на американското раководство, посветеноста на Конгресот за изнаоѓање долгорочни решенија во регионот и одржување на нашиот ангажман и партнерства, од Скопје до Подгорица и од Приштина до Сараево, останува силна“, рекол конгресменот Китинг.