ВИДЕО| Малезиски гинеколог го изуми првиот унисекс кондом во светот

Мелезиски гинеколог го изуми првиот унисекс кондом на светот кој може да го користат и жените и мажите и, како што самиот вели, многу е тенок и издржлив а изработен е од медицински полиуретан кој обично се користи како завој за превивање рани и при други повреди.

Изумителот на кондомот, др Џон Танг Инг Чинг, гинеколог е и основач на компанијата „Twin Catalyst“, којашто се занимава со производство на медицински производи. Се надева дека неговиот „Wondaleaf Unisex Condom“ ќе ги поттикне луѓето да преземат подобра контрола над своето сексуално здравје, без оглед на полот или сексуалната ориентација.

„Во основа се работи за обичен кондом со леплива облога. Благодарејќи на лепливата облога кондомот се прицврстува за вагината или пенисот, а ја покрива и околната област поради засилената заштита“, појаснува малезискиот лекар.

На својата интернет страница Танг објави дека „лепливиот дел од кондомот Wondaleaf се наоѓа само на една негова страна, но имајќи предвид дека може да се пресврти на другата, може да го користи кој и да е пол“.

Кутијата со „Wondaleaf Unisex Condom“ ќе содржи два кондома и ќе чини околу три евра. Просечната цена за десетина кондоми во Малезија е меѓу четири и девет евра.

Компанијата на Танг иновативните кондоми ги прави од полиуретан, материјал кој се користи во изработката на проѕирните завои за преврски на раните. Многу е тенок и флексибилен, но истовремено силен и водоотпорен.

Др Танг вели дека „Wondaleaf Unisex Condom“ минал неколку фази клинички испитувања и тестирања, и дека во декември би требало да стане комерцијално достапен преку интернет страницата на компанијата.

„Врз основа на бројните клинички испитувања коишто ги спроведовме, доста сум оптимисичен и верувам дека со текот на времето овој кондом ќе претставува значителен придонес кон бројните други контрацептивни средства кои се користат во превенцијата на несаканите бремености и сексуално преносливите болест“, вели малезискиот лекар.