Сензација – Вардар поразен од вториот тим на Еурофарм Пелистер

Македонскиот ракометен шампион Вардар во натпреварот влезе како апсолутен фаворит, но се врати со наведната глава.

Еурофарм Пелистер 2 водеше во текот на целиот меч и на крајот заслужено дојде до сензационалниот триумф.

Вардар на овој меч настапи без Дибиров, Кевин Њокас, Кудуз… но имаше доволно силен состав за овој натпревар.

Црвено-црните го постигнаа првиот гол на мечот, но потоа следуваше серија на битолскиот тим за 3-1, водеа и со 6-2. На одморот се замина со водство на Еурофарм Пелистер 2 од 14-11.

Се чинеше дека Вардар во вториот дел ќе се врати, но не беше така, битолчани продолжија во истото темпо. При крајот на мечот шампионот дојде до израмнување 24-24, но Еурофарм Пелистер 2 не дозволи пресврт.Битолчани поведоа со 27-25, не остана многу време за Вардар кој со гол во последните секунди успеа само да намали на 27-26, што беше конечниот резултат на овој меч. Еурофарм Пелистер 2 заслужно ја славеше најголемата победа во клупската историја.

Павле Атанасијевиќ со шест гола беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер 2, Кузмановски и Петровиќ постигнаа по 4, во составот на Вардар Георгиевски и Тото постигнаа по 6 гола, Моралес 4.