Тунис го затвори граничниот премин со Либија

Туниските власти го затворија граничниот премин со Либија откако стотици Египќани бегајќи пред насилствата во таа држава се обидоа да преминат на туниска територија, јавија туниските медиуми.

Затворен е преминот Рас Адждир каде Египќаните кои биле спречени да влезат во Тунис бидејќи немале визи, протестирале на тој премин, развиле знаме на својата држава и урнале дел од оградата.

Туниската погранича полиција реагирала со солзавец и испукување куршуми во воздух.

Притоа еден туниски полициски офицер е ранет од куршум испукан од либиска страна. Во немирите на тој премин вчера загинаа двајца Египќани додека повеќе од 10.000 луѓе главно Либијци, преминаа на туниска страна.