ВИДЕО| Девет бразилски пожарникари загинаа на вежба при уривање во пештера

Девет пожарникари загинале при уривање во пештера крај Алтинополис, во внатрешноста на бразилската сојузна држава Сао Паоло, во текот на увежбување, објави во неделата регионалната противпожарна служба на социјалните мрежи.

„Девет лица загинаа, едно е спасено и пренесено на одделение за интензивна нега. Нема други жртви“, се наведува во објавата.

Уривањето на сводот во пештерата Итамбе се случило во неделата утрото по локално време, додека пожарникарите се увежбувале во внатрешноста. По уривањето останале отсечени десет лица, од кои подоцна само едно било извлечено со повреди. Уште други пет лица биле полесно повредени, но тие не биле заробени од уривањето и медицинска помош им била пружена во болницата во Алтинополис.

Според податоците на противпожарната служба, на вежбите вкупно учествувале 28 лица. Според локалните медиуми, во моментот на несреќата покрај пожарникарите во пештерата била и група лица од школата „Real Life“.