Прв лет на „easyJet“ од Скопје кон швајцарска Женева

Британската нискобуџетната авиокомпанија „easyJet“ во понеделникот попладне ќе го реализира првиот лет од директната авиолинија Скопје-Женева, со што и официјално влегува на македонскиот воздухопловен пазар.

Слетувањето на првиот лет од Женева на Меѓународниот аеродром Скопје е предвидено за 15,05 часот.

Првите патници ќе бидат пречекани од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и генералниот директор на ТАВ Македонија Метин Батак, по што се предвидени изјави за медиумите.

Компанијата „easyJet“ ќе ја опслужува линијата Скопје – Женева трипати неделно.

Со зимскиот распоред на летање, што стапи во сила на крајот на минатиот месец, покрај линијата Скопје – Женева на „easyJet“, се предвидени летови од Скопје и до Болоња, Торино и Билунд, што ќе ги реализира нискобуџетната „WizzAir“, која исто така воведува нова линија и од Охридскиот аеродром до Фридрихсхафен.

Податоците на „ТАВ Македонија“ покажуваат дека во периодот јануари-септември, двата македонски аеродроми „Меѓународниот аеродром“ Скопје и „Аеродромот Свети Апостол Павле“ Охрид, опслужиле вкупно 994 237 патници, што е 57-процентно зголемување во однос на истиот период од 2020. Во исто време, вкупниот број на патници за првите девет месеци од годинава е намален за 52 проценти, споредено со истиот период од 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата, бидејќи до почетокот на пандемијата бележеа постојан пораст на патничкиот сообраќај.