Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска беше гостин во „Што не е јасно“ на Алфа ТВ.
Тој од страна на новинарот Љупчо Цветановски беше прашан што според него се случи вчера на вториот круг од локалните избори во Македонија.
– Во една реченица крик на народот. Гласот на народот се слушна во овие месец дена бидејќи кампањата и во првиот круг и во вториот беше драматична но премногу народ излезе за да казни. Тоа на нас ни создава една голема одговорност сетоо ова што се случи. Јас сакам да им се заблагодарам на целиот македонски народ, кога зборам целиот македонски народ, мислам и на Македонците, Албанците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и сите останати. Ова го говорам затоа што кога ќе ја погледнете сликата на општини во Македонија имаме различни општини што ги добивме и во првиот круг но и во вториот круг што се мултиетнички. Повторно ќе кажам, ова е голем предизвик за нас сега што се случува, ова долго време го работиме, постојано го говориме дека ќе се случи, дека кругот се врти, дека тркалото ќе се сврти и навистина тоа се случи. Сега ќе видиме наредните чекори кои ќе бидат, но најважно за нас е сега добра слика да оставиме и перцепција во јавноста дека не се сите исти, дека сме многу поразлични, дека секој еден градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ ќе даде се од себе, за да се види разликата. Јас знам дека сега најголем дел од градоначалниците ќе имаат празни буџети, ќе нема доволно проекти, ќе нема како да го наполнат буџетот, ќе нема преспектива но овие луѓе се нови луѓе, квалитетни од ВМРО-ДПМНЕ, амбициозни и ќе видите дека ќе има резултати. Се разбира сите ние сме тука за да помагаме, за навистина да се создаде таа нова иднина што постојано ја говориме. Еве уште на крај за ова прашање, од срце благодарам, благодарам на целиот македонски народ за ова што го направи, бидејќи ова не е победа на ВМРО-ДПМНЕ, ова е заедничка победа. Ние имаме една Македонија, таа е, заедничката Македонија и гледаме вчера една слобода, слободата се чувствува и денеска, луѓето не се толку под притисок како едвај да го чекаа вториот круг, дополнително да казнат. Да имаше трет круг, верувајте ми разликата ќе беше уште поголема, одговори потпретседателот Мисајловски.