Новинарот Бранко Героски во своето вечерашно гостување во емисијата „200“ на Алсат оцени дека локалните избори на кои триумфираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, беа референдум на кој гласачите претежно се изјаснувале за или против Зоран Заев. Героски нагласи дека одлуката на Заев да објави негова оставка од премиерската функција и од лидерската во СДСМ била добро промислена и соодветно образложена.
„Да го цитирам Заев, тие беа историски избори. Тие беа референдум, за или против Заев, самиот ги прогласи како такви, изгуби на тие избори и тоа катастрофално и нормално, во такви околности да поднесе оставка и тој тоа го стори, со сериозно образложение. Неговата одлука не можам да ја сфатам како нерационална“, рече Героски.