По локалните избори – време за „отрезнување“ и соочување со стварноста на реалниот живот

Живко Груевски

Кога ќе се изгаснат блескавите светла од адреналински потентните рефлектори за актерите на изборната сцена, сите повторно јасно ќе можеме да ги видиме нијансите кај темнината на ноќта и светлите колорити на денот. На овие локални избори во нашата држава, дежурниот „чувар“ ќе го исклучи главниот кабел за разнобојното осветлување и прегласното озвучување, ќе ги скине здодевните PR билборди на кандидатите а медиумите ќе си се вратат на нивното редовно известување за вистинските проблеми и предизвици од реалниот живот.

Како и на сите претходни локални избори, кандидатите за градоначалник и советници во општинските совети, гласно ги промовираа и се натпреваруваа со многу ветувања или со подолги „листи на желби“ за приоритетни проекти кои би ги реализирале доколку го добијат мандатот од гласачите. Со мали разлики, кај сите кандидати најчесто се повторуваа ветувањата за почиста и поуредена општина, реформирана и ефикасна општинска администрација, нови или реновирани и добро опремени училишта, изградба на нови или асфалтирање на постојните локални патишта, еколошки безбедна депонија, пречистителна станица за отпадни води, реконструкција на дотраени дистрибутивни мрежи за чиста вода до сите домаќинства, урбан канализациски систем, канали за наводнување и континуирано чистење на речните корита, современо организиран развој на земјоделството и сточарството, како и ефикасни откупни центри, развој на руралниот и бањскиот туризам, поквалитетен социјален живот за младите, култура, спорт и …

Во последниве 30 години, едно големо „НО“ кое постојано се повторува е суровата реалност дека веднаш откако новоизбраната локална управа ќе биде „устоличена“, неизбежно ќе се соочи со бруталниот факт дека многу мал дел од слаткоречиво ветеното може и објективно да се оствари доколку брзо не се обезбедат стабилни и значително поголеми финансиски приходи за општинските буџети за да се обезбеди оптимално потребна само-одржливост на општините.

Ноторен факт е дека успешноста на секоја локална власт не се проценува по атрактивноста на нивните ветувања и „списокот на желби“, туку само по реално остварените проекти, акција и дела од интерес за сите жители независно од нивните политички, етнички, верски и културни различности.

Дури и на најквалитетните локални лидери кои ќе победат во изборниот процес, обезбедувајќи мнозинство гласови за поддршка на ветените проекти за подобар живот во општината, рацете ќе им бидат „врзани“ затоа што без директни приливи на оптимално потребни пари во општинските каси објективно нема да има можност за вистинска реализација. Всушност, само со конструктивна соработка и ефикасна координираност помеѓу локалните и централната власт, нашата држава може да обезбеди практични услови за забрзан развој во сите релевантни сектори и драстично да ги подобри и подигне на повисоко ниво реалните услови за достоинствено живеење на СИТЕ свои жители. Тука, локалното лидерство – градоначалниците и советниците во општинските совети, имаат извонредно важна улога за да помогнат во создавање на позитивна „пријателска“ средина и да понудат ефикасни решенија за да се привлечат домашните и странските инвестиции кои со себе носат нови и подобро платени работни места и повисок животен стандард.

Атрактивно срочените изборни пароли и слаткоречивите ветувања имаат само краткотрајно дејство врз нашите емотивни реакции, но разумот брзо ќе не потсети дека само богати и економски развиени општини, региони и држава реално можат да си дозволат непречено реализирање на сите наведени инфраструктурни и комунални проекти, да инвестираат значително во неопходната грижа за заштита на животната средина, да обезбедат високи стандарди и технички услови во делот на хигиената и здравјето на луѓето… Или воопшто, со акција и дела да креираат квалитетни параметри за современо и среќно живеење. Да, ваквата поддршка од локалното ниво на власт е неопходна за на национално ниво државата конечно да почне ефикасно да се справува со девастирачките последици од сѐ помасовниот процес на егзистенцијално мотивирано иселување кон економски поразвиените земји како неизбежна последица од пролонгираната економска стагнација и евидентното чувство на бесперспективност кај младите генерации.

И навистина, не е потребен некаков „rocket scientist“, ниту научни анализи на врвни економски експерти за да се заклучи дека само робустно инвестициско трошење и отворање на реален бизнис, производство и мултиплициран извоз, може брзо и ефикасно да ја придвижи националната економија напред. Високите достигнувања за поквалитетен и посреќен живот на сите наши сограѓани се остварливи само преку забрзан економски развој. Никако не, доколку останеме заробени од нагласениот говор на омраза преку радикално деструктивен пристап кој мазохистички сугерира само пролонгирано „живуркање и преживување“.

Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа (Сесија во Стразбур 26 – 28 октомври, 2021) расправа по Извештајот за Македонија во однос на „Европската повелба за локална самоуправа“ која нашата држава ја ратификуваше уште во 1997 година. Познато е дека во Извештајот е забележана позитивната клима во однос на реформата за понатамошна децентрализација и се поздравува важноста што се дава со усвојување на новата програма за одржлив локален развој 2021 – 2026. Конгресот оценува дека локалните власти реално немаат пристап до доволно финансиски средства за ефикасно извршување на нивните обврски и успешно остварување на приоритетните проекти. Затоа сугерира ургентно имплементирање на дополнителни реформски зафати за да се обезбеди соодветно и пропорционално финансирање, односно да се зголеми уделот на општините во приходите на локалниот буџет.

Време е за „отрезнување“ и соочување со стварноста на реалниот живот, затоа што само со акција и дела може да стигнеме до подобар живот – Сега и Веднаш! Крајно време е сите да ги прифатиме неспорните факти – со конечна реализација на мега инвестицискиот Проект „Иловица-Штука“, Еуромакс Ресоурцес секоја година, само по основ на законски давачки, даноци и такси, ќе уплаќа приближно по 24 милиони евра во државниот буџет. Над 5 милиони евра годишно ДИРЕКТНО ќе се слеваат во буџетите на општините на чија територија функционира овој современ рударски комплекс! Речиси десеткратно ќе се зголемат даночните приходи кои директно се наплаќаат и општинските буџети на Босилово и Ново Село, со тоа, ќе бидат зголемени двојно. Дополнителните 5 милиони евра секоја година, ќе обезбедат стабилно финансирање за општините и ќе ја овозможат реализацијата на дефинираните проекти за заштита на животна средина, водоснабдувањето, инфраструктурата, образованието, поддршка на земјоделството, културата и сè друго кое ќе придонесе за брз просперитет!

Безрезервно ги поддржуваме презентираните визии и приоритетните проекти од новоизбраните градоначалници на општините Струмица, Босилово и Ново Село затоа што нивната брза и ефикасна реализација ќе донесе добробит за СИТЕ жители, без разлика кому го довериле својот глас во изборниот процес. И во оваа прилика, како докажани партнери на заедницата, јавно се обврзуваме и гарантираме долгорочна финансиска и експертска асистенција убедени дека само со широка инклузивност, транспарентност, конструктивен дијалог и соработка со сите чинители ќе успееме заедно да го изградиме и оперираме современиот рударски комплекс како „win-win” капитална инвестиција со стратешко значење за прогрес и изградба на просперитетни и економски стабилни општини, регион и држава.

Автор: Д-р Живко Груевски, директор за комуникации на Еуромакс Ресоурцес