Резултатите од изборите во Вирџинија и Њу Џерси лош знак за Бајден пред изборите за Конгресот на САД догодина

Републиканците победија во трката за гувернер на Вирџинија, додека во Њу Џерси загубија „за влакно“ и тоа не е добар знак за актуелниот претседател Џо Бајден пред конгресните избори во 2022 година, наведува во четвртокот Гласот на Америка.

Републиканецот Глен Јангкин го победи поранешниот демократски гувернер на Вирџинија, Тери Мекаулифф.

Јангкин доволно се огради од поранешниот претседател Доналд Трамп за да ги придобие умерените гласачи, кои гласаа за Бајден на последните претседателски избори.

Во Њу Џерси, актуелниот демократски гувернер Фил Марфи во тесна трка го победи републиканецот Џек Катарели, иако во таа земја има дури милион повеќе регистрирани демократски гласачи од републиканците, јавија американските медиуми.

И двајцата републиканци добија многу гласови во предградијата, од неопределените гласачи, на кои не им се допаѓаше политиката на Трамп.

Од друга страна, Бајден лесно ги освои и Вирџинија и Њу Џерси на претседателските избори, а овој развој на настаните може да го загрози демократското мнозинство во Конгресот кога целиот Претставнички дом и третина од Сенатот ќе бидат избрани во 2022 година.

Доколку републиканците добијат мнозинство само во еден од двата дома на Конгресот, тие ќе можат да го блокираат усвојувањето на законите на Бајден. Исто така, поразот на демократите во Вирџинија му дава шанса на Трамп да го критикува Бајден и повторно да ја почне изборната трка во 2024 година.

Бајден, чиј рејтинг минатата седмица беше најнизок откако стана претседател и рекордно низок за дадениот период по преземањето на должноста во однос на претходниците, не ја презеде директно одговорноста за изборниот пораз.

„Луѓето се вознемирени и несигурни за многу работи, од Ковид-19, преку училиште, до работа, па дури и колку чини галон бензин. Доколку Конгресот ја усвои мојата иницијатива „Повторно да изградиме подобро“ (Build Back Better), ќе бидам во позиција да поправам многу нешта и тоа многу брзо“, рече американскиот претседател.