Хоџа: Истрпевме многу работи од ДУИ, но сега чашата е прелиена

Во Влада со министри од ДУИ јас нема да седам на иста маса, можеби мојот став е емотивен како што вели Али Ахмети, но јас ќе речам дека е принципиелен, бидејќи нема да дозволам натамошно непочитување на Беса како коалициски партнер, изјави генералниот секретар и шеф на изборниот штаб на Беса, министерот за земјоделство Арјанит Хоџа. Тој рече дека изнесува свој личен став, а дека Беса како демократска партија ќе донесе одлука дали ќе истапи од Владата или ќе остане во неа.

„Беса е сериозна партија која истрпе многу непринципиелна политика во Владата од страна на коалицискиот партнер ДУИ, зашто во прв план ја имавме големата слика – евроинтеграциите на државата и политиката за развој на земјава. За жал, токму кога Беса е во подем, што се виде и на локалните избори, ДУИ настапи со стари, криминални методи и тоа преку еден нивен, за нас непознат набљудувач. Епилогот е прегласување во Желино каде Беса победи во градоначалничката трка, со една нивна цел, да нѝ ја украдат победата. Прегласување ќе има на избирачко место каде случајно гласа кандидатот на ДУИ и каде имаа добиено двојно повеќе гласови. Прашањето е дали има и колку други избирачки места каде и во минатото ДУИ со исти методи оспорувала гласање“, рече Хоџа.

Тој рече дека Беса ќе продолжи со констултациите како да постапи во овој случај, нагласи дека партијата ќе продолжи со политиката за европеизација, но и потенцира дека „не сака да биде на иста маса со оние кои ја газат волјата на народот со комунистички методи, кои ја газат, всушност, европската демократија“.

„Проблемот е принципиелен, без оглед што ќе решат институциите, станува збор за непочитување на коалициски партнер, односно непочитување на Беса како партнер во Владата“, рече Хоџа, најавувајќи дека секако ќе поднесат тужба до Управниот суд поради одлуката на ДИК за прегласување во Желино.

„Во Влада ваква каква што е, јас нема да бидам во таков состав. Можеби е емотивно, но јас имам принципи и јас како министер нема да седам на иста маса. Истрпевме многу работи во Владата од ДУИ, заради големата слика, но сега чашата е прелиена”, изјави Хоџа.