
Во првиот натпревар од 12-то коло на италијанската фудбалска Серија А, Емполи и Џенова одиграа без победник со резултат 2:2, а Горан Пандев остана на клупата за резервни играчи.
Првото полувреме заврши во полза на гостите за кои водечкиот погодок го постигна во 13 минута Доменико Кришчито од пенал. Во вториот дел Емполи во десет минути направи резултатски пресврт со погодоците на Фредерико Ди Франческо во 62 и Шимон Журковски во 71 минута, а Џенова од пораз ја спаси Флавио Жуниор Бјанчи во 89 минута.
Емполи остана на осмата позиција со 16 бодови, а моменталната позиција на табелата му ја загрозуваа Верона, Јувентус и Болоња кои имаат по 15 бодови, како и Торино и Сасуло кои имаат по 14 бодови. Џенова со само една победа сезонава моментално е 15-та со 9 бодови, само бод повеќе од зоната на испаѓање.
На врвот на Серија А се Наполи и Милан со 31 бод, го следи Интер со 24 бодови, а Рома и Аталанта имаат по 19 бодови.
Во сабота на распоредот се натпреварите: Специја – Торино, Јувентус – Фиорентина, Калјари – Аталанта, а во недела играат Венеција – Рома, Сампдорија – Болоња, Удинеза – Сасуоло, Наполи – Верона, Лацио – Салернитана и миланското дерби Милан – Интер.