Тројца тешко повредени во напад со нож во Германија

Три лица се тешко повредени во напад со нож во саботата претпладнето во возот Intercity Express (ICE) во германската сојузна покраина Баварија, објави тамошниот Црвен крст, а приведено е едно лице осомничено како сторител.

Полицијата соопшти дека единствениот осомничен сторител е уапсен за нападот изведен на линијата меѓу Регензбург и Нуренберг, како и дека нема нови закани за населението.

Властите објавија само неколку поединости за напаѓачот, а според безбедносни извори на агенцијата DPA станува збор за 27-годишен Сириец. Таблоидот Bild објави, пак, дека уапсениот имал психолошки проблеми и дека повикувал на помош во возот.

Баварскиот Црвен крст соопшти дека згрижиле „три тешко повредени лица коишто се пренесени во болница“. Жртви се тројца мажи на возраст од 26, 39 и 60 години, пренесува агенцијата DPA повикувајќи се на безбедносни извори.

Меѓу 200 и 300 патници се евакуирани од возот по нападот и се сместени на локација кај железничката станица Зојберсдорф, каде што бил запрен возот. На местото на настанот и попладнето сѐ уште има голем број полицајци.

Портпаролот на германскиот железнички оператор „Deutsche Bahn“ соопшти дека линијата Регензбург – Нуренберг е затворена од 9 часот утрото, како и дека возовите се запрени и чекаат на железничките станици.

Сојузниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој доаѓа од Баварија, изрази „згрозеност“ од нападот и повика да се сочува спокојството. Зехофер, кој е во техничката влада додека не биде формирана новата, изрази надеж во закрепнување на повредените и ѝ се заблагодари на полицијата на „брзата и храбра акција“.

За мотивите на нападот не може да се зборува додека не се дознае што стои во заднината, изјави конзервативецот Зехофер.

Германските власти особено се будни на исламистичките закани по нападот со камион кој се залета во масата луѓе и усмрти 12 лица во декември 2016 година во Берлин. Тој џихадистички напад беше најсмртоносниот изведен на германска територија.

Од 2000 година германските власти спречиле 23 обиди за напади со исламистичка заднина, објави претходно годинава министерот Зехофер на одбележувањето на 20 години од терористичките напад во САД од 11-ти септември 2001 година. Германија и западна Европа сѐ уште се на нишанот на радикалните исламисти, предупреди тогаш Зехофер.